Во далечната 1965 година, баба Ангелина Димова, позната во селото како „баба Гина“ ја имаше најубавата бавча со црвени пиперки во целото село. Во бавчата растеа толку многу пиперки, што „баба Гина“ веќе не знаеше какво јадење попрво да прави со нив. Еден ден таа направи и полнети пиперки и печени со лукче и летна манџа... и пак останаа многу пиперки.
Тогаш „баба Гина“ се сети и почна да прави ајвар.
Ги повика сите домаќинки од соседството да ѝ помогнат. Знаејќи дека „баба Гина“ го прави најубавиот ајвар во селото, сите дојдоа со надеж дека при подготовката ќе ја откријат нејзината тајна. „баба Гина“, секогаш внимателна и уредна, одреди задача за секоја од нив. Откако пиперките се собраа и исчистија, „баба Гина“ го запали огнот, го намести ќумбето и ги нареди пиперките на него. Додека таа ги печеше румените пиперки со потпевнување и со насмевка на лицето, домаќинките заинтересирано го следеа секое нејзино движење. Да се гледа „баба Гина“ како готви беше најголемата желба на секоја домаќинка. Секогаш готвеше нови работи, избегнуваше да се придржува до рецептите и секое нејзино јадење беше благодет за сите сетила. Тоа што таа го правеше беше уметност. И овој пат ги изненади сите со подготовката на ајварот. Ова беше прв пат да се печат пиперките, до тогаш во селото ајварот се правеше само од варени пиперки. Возбудени, домаќинките веднаш почнаа да ги лупат и мелат испечените пиперки.
Во моментот кога „баба Гина“ ги додаде зачините во големиот казан каде што се пржеа смелените домати и пиперки, низ селото се рашири неодолив богат мирис на кој никој не можеше да остане рамнодушен. За кратко време, сите жители на селото беа собрани околу казанот, љубопитно ѕиркајќи во смесата која ја мешаше „баба Гина“.
„баба Гина“ радосно ги гледаше малите деца кои со возбуда кружеа околу неа и со полна плуќа вдишуваа, како да се хранеа од мирисот. Најсреќна беше кога ги гледаше другите како уживаат во храната и слатко јадат. За неа, седнувањето на трпеза носеше посебна топлина. Тоа беше момент кога сите забораваа на проблемите и тегобите. За неа, храната носеше радост, безгрижност и спокој. Токму затоа и готвеше со целото срце.
Гледајќи ги луѓето околу неа, „баба Гина“ ги замоли домаќинките да земат од тазе печениот леб во фурната и да поделат на секого. На секое парче леб стави врел ајвар. За миг времето застана. Сечиј поглед беше вперен во намачканото парче леб. Тишината се прекрши од звукот на задоволство од едно од децата и во тој момент сите посакаа да откријат што е тоа што ја предизвика таа реакција кај малото момче. „баба Гина“ гледаше како со секој залак, на луѓето околу неа им се менува изразот на лицата: замижуваа, вдишуваа длабоко, м'мкаа и ги оближуваа усните. Некои со неверување го дегустираа ајварот и ги прашуваа домаќинките која е тајната, дали ја дознале, но ниту една не знаеше да им одговори.
Сите знаеа дека нејзиниот ајвар беше најубав, затоа што го правеше со тајна состојка. Кога ќе ја прашаа што е, мистериозно се насмевнуваше. „баба Гина“ ја кажа тајната на ајварот само на нејзиниот син, кој почна да произведува и други производи, сите со истата тајна состојка. Тајната е пренесена и на неговите синови, а сега веќе дојде време да се сподели и со Вас...
Тајната на „баба Гина“ е дека ајварот е направен со љубов.

Since 1965 Без конзерванси и вештачки бои

PREMIUM QUALITY